САД: Почнаа подготовките за престојните празници

03.12.2015 10:46

Започнаа подготовките за престојните празници во главниот американски град. Зградите и парковите во Вашингтон ги красат божиќни елки и украси. Божиќната атмосфера се чувствува и во Белата куќа...

Поставени божиќни елки ја прават празничната атмосфера во Вашингтон. Пристигна и божиќната елка за Белата куќа од фармата за елки во Ленсдејл, Пенсилванија, што браќата Бастерд ја предадоа на првата дама Мишел Обама. Оваа година божиќната елка е висока над 5 метри и ќе ја краси Сината соба во Белата куќа со лампиони од природни и рециклирани материјали.

„Земавме 800 украси што останале од претходните администрации и ги пративме во 60 локални заедници низ целата земја со барање да ги декорираат со своите локални симболи и да ни ги вратат за да ги поставиме во Белата куќа“, рече првата дама на САД, Мишел Обама.

90 волонтери од 24 американски сојузни држави ја красеа Белата куќа со новогодишни украси. Златни ленти, панделки и лед светилки и над 650 лампиони ја красат божиќната елка во централниот дел на Сината соба. Две елки се поставени и пред влезот од Сината соба украсени со стаклени лампиони и црвени панделки. Трпезаријата во резиденцијата на американскиот претседател ја краси традиционалниот ѓумбир леб од 177 килограми што е реплика на Белата куќа. Над 50 илјади луѓе се поканети на 28 божиќни забави во Белата куќа во декември.

Осветлување на првата божиќна елка во Вашингтон било во 1923-та година од страна на американскиот претседател Калвин Кулиџ.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ