Саем за вработување: Над 80 компании барат работници
Во Скопје- саем за вработување. Бизнисмените – тет а тет со барателите на работа. Добра можност менаџерите да најдат соодветен кадар, а невработените работна позиција. Работодавачите од 80-тина компании ги претставуваат потребите за нов профил на кадар...

Над 80 фирми бараат работници на Саемот за вработување во Скопје. Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ на едно место и понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Невработените се информираа како полесно да дојдат до вработување и да создадат кариера. Ги посетија штандовите на компаниите и аплицираа со свое СV за посакуваната работна позиција.
Во изминатите две години резултатот од саемите е вработување на над 800 лица. Вицепремиерот Пешевски се надева дека бројката и натаму ќе расте.
„Преку 800 лица се вработени само на саемите, откога е почната оваа активност, бројка која што верувам дека ќе продолжи да расте, што е пак и еден дел од пошироката активност на проектот Македонија вработува, која со текот на денешниот ден официјално ја надминува бројката од 10.000 вработени лица“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Над 710 милиони денари ќе се одвојат за новиот оперативен план за вработување. Планот содржи над 27 мерки. Парите ќе одат директно кај приватните компании за стекнување вештини и обуки на невработените.
„ И понатаму продолжуваме со Агенцијата да ги промовираме можностите за вработување со цел да им помогнеме на невработените лица побрзо да најдат работно место“, рече Диме Спасов, заменик-министер за труд и социјална политика.
Освен невработените, саемот го посетија и учениците и студентите. И тие имаа можност за избор на идна кариера.
„Досега, заклучно со седмиот саем кој се случи во Куманово, имаме директни вработувања од 220 лица оваа година и уште 290 лица ќе бидат вработени наскоро во компаниите кои учествуваа на саемите. Досега има 4.000 CV-ја кои се примени од страна на компаниите, заклучно со седмиот саем, а досега се повикани над 900 лица на интервју. Очекуваме бројката на вработени преку саемите во наредниот период да се зголеми двојно“, вели Влатко Поповски, директор на АВРМ.
Со активните мерки за вработување најмногу се опфатени лицата до 35 -годишна возраст. Солиден интерес и кај лицата над 50 и над 58 години. Над 140 илјади работни места се отворени во изминатите 8 години, а невработеноста е намалена за 12 процентни поени.
Сунчица Николоска
