Почна министерскиот совет на ОБСЕ во Белград
Тероризмот и мигрантската криза се најголемите безбедносни предизвици на Европа- порака од министерскиот совет во Белград. На состанокот на ОБСЕ дебатираа Џон Кери, Сергеј Лавров, Федерика Могерини и Никола Попоски...

Во Белград почна дводневниот редовен Министерски совет на ОБСЕ на кој учествуваат 46 министри за надворешни работи, меѓу кои и шефовите на дипломатијата на САД, Русија и ЕУ- Џон Кери, Сергеј Лавров и Могерини. Македонската делеција ја предводи шефот на дипломатијата- Никола Попоски. Главни теми на самитот се тероризмот, мигрантската криза и враќањето на хелсиншките принципи на кои се заснива ОБСЕ, кои беа во фокусот на излагањето и на министерот Попоски.
Според него покрај заедничката борба против тероризмот на ИСИЛ, мигрантската криза е најголем безбедносен предизвик на Европа.
„Република Македонија ги презема сите мерки и одлучни сме да продолжиме во нивно преземање за обезбедување на еден безбеден и хуманитарен европски коридор за транзит на сите мигранти кои имаат основа за барање на азил во една од европските земји. Тоа е дотолку повеќе важно бидејќи кај нас мигрантите пристигнуваат од земја членка на ЕУ. Во овој момент најважни се апелите за преземање на мерки и од другата страна на границата, заради избегнување на било какви тензични ситуации или конфликти“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Попоски.
Попоски оствари повеќе билатерални средби меѓу кои и со директорот на ОДИХР за изборите во Април.
„Беше упатена нивна јасна порака дека ќе биде прилично робусна мисијата и долгорочно и краткорочно заради обезбедување на максимален кредибилитет. Од наша страна повикавме на максимално присуство на што е можно поголем број на монитори за да избегнеме состојба некој да бара изговори по изборниот процес и да обезбедиме највисоско ниво на стандарди“, изјави Попоски.
На самитот разговарано е и за Западен Балкан, кој според српскиот премиер Вучиќ- е буре барут, кое со мала искра може да го запали. Најголемо внимание имаа излагањата на Лавров и Кери за Сирија, каде е побарано заедничка акција против ИСИЛ. Во текот на денот се остварија и повеќе билатерални средби, меѓу кои на Кери и Лавров, а се очекува и најавената средба на шефовите на дипломатијата на Русија и на Турција.
Министерскиот состанок продолжва и утре кога се очекува да бидат донесени и завршните документи.
Оливер Бранковиќ, постијан дописник од Белград за МРТ
