Банкарскиот сектор стабилен, се очекува раст на кредитирањето
Деловните банки во првите девет месеци од годинава со 54 проценти раст на нето добивката. Во наредниот период се очекува да се зголеми кредитирањето бидејќи како што велат има простор за тоа. Како директни учесници на пазарот за продажбата на државните записи, велат дека работат според правилата кои ги поставува регулаторот...

Банкарскиот сектор е стабилен. Банкарите очекуваат деловните банки годината да ја завршат со добивка. Само во првите девет месец оствариле раст од 54 проценти. Кредитите имаат раст од 5,4 проценти. Растат и депозитите, но со забавена динамика. Нефункционалните кредитите се на ниво од 11,7 проценти. Банкарите очекуваат во наредниот период да се зголеми кредитирањето- велат има простор за тоа.
„Кај пасивните каматни стапки сме тука некаде при карјот, кај активните очекувам да има уште некои намалувања, затоа што дефинитивно има јака конкуренција во банкарскиот сектор, а тоа се виде во последните години, кога се постигна историско ниво на ниски каматни стапки кај кредитите“, вели Ѓорѓи Јанчевски.
Во однос на притисоците кои деновиве кон банкарите ги вршеше лидерот на СДСМ, Јанчевски вели – банките како директни учесници на пазарот за продажбата на државните записи, не се водат според дневната политика, туку работат според правилата кои ги поставува регулаторот – Народната банка.
„Имаме рамки до кои треба да се движиме во делот на изложеноста кон државата. Ние правиме бизнис, ни сме платени да водиме сметка за депозитите на граѓаните и фирмите, така што не гледам некоја вмешаност на банките во политиката“, вели Јанчевски.
За најавата од Централната банка дека ќе се воведе мерка да се намали издавањето на потрошувачки кредити, Јанчевски оцени дека таа е само насока и дека тоа ќе влијае повеќе кај помалите банки. Во идниот период може да дојде до намалување на каматните стапки кај кредитите, што ќе се должи на силната конкуренција во банкарскиот сектор.
Дијана Ценевска
