Во Кочани отворена најголемата фабрика за ориз во регионот
Кочанскиот ориз се враќа на европскиот пазар. Се отвори најголемата фабрика во регионот, турска инвестиција вредна 4 милиони евра, во која ќе работат 100 работници. Инвеститорот ќе го користи локалното производство, премиерот Груевски најави повисоки субвенции за земјоделците...

Во Кочани денеска започна со работа „Левидиагро“, нова фабрика за преработка на ориз, турска браунфилд инвестиција од 4 милиони евра која ќе придонесе за враќање на кочанскиот ориз на старите европски пазари како висококвалитетен македонски бренд.
Фабриката е технолошки најсовремено опремена и претставува најголем капацитет за преработка на ориз во регионот.
„Кон средината на оваа година бев тука во Кочани на пуштањето на фабриката на холандската компанија „Антура“. Уште тогаш најавив дека инвестициите во Кочани ќе продолжат, а ние ќе продолжиме со подобрување на бизнис климата, со промоција на инвестициските можности во странство и со непосреден и партнерски однос со инвеститорите. Таквата работа денес ни носи уште еден производствен погон во Кочани, а тоа е новата фабрика за ориз „Левидиагро“ како браунфилд инвестиција“, изјави премиерот Груевски.
Тој потенцира дека радува фактот што новата фабрика се стреми да го зголеми производството на ориз од овој регион и неговиот квалитет применувајќи високи европски стандарди на производство, а со цел зголемување на извозот од Македонија и на македонскиот ориз на европските пазари. Груевски најави дека Владата ќе ја зголеми поддршката за оваа гранка - производство на ориз.
Али Созер, сопственикот на компанијата „Левидиагро“ истакна дека ова е најголема фабрика за ориз во која ќе бидат вработени над 100 лица. Одлуката да инвестираат во Македонија е, вели, како резултат на добрата бизнис клима и одличната соработка со централната и локалната власт.
