Спасовски: Стабилна безбедносната состојба во Македонија
И покрај зголемените мерки за претпазливост, граѓаните немаат причина за страв. Ова го потврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој по посетата на СВР Скопје констатираше дека нема потреба од загриженост...

Безбедносната состојба во земјава е стабилна, тврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Вели дека нивото на безбедност е превентивно подигнато и во Скопје.
„Секој податок што го добиваме се вршат оперативни проверки и во моментов можам да кажам дека состојбата е стабилна и немаме опасност од такви настани, затоа и превентивно го покренавме нивото на безбедност во Република Македонија, се со цел да превенираме било каков можен терористички напад“, рече министерот Спасовски.
Спасовски вели дека бил спречен инцидент на Македонско-грчката граница откако економските мигранти се обиделе насилно да влезат на нашата територија. Тензиите се на грчка страна и тоа меѓу бегалците и економските мигранти.
„Се надевам дека ќе се донесе добра одлука на ниво на ЕУ, бидејќи ова не е прашање што може да го разреши само РМ или регионот и врз основа на таа одлука да може заеднички преку решавање на овој проблем да се пропушти коридорот и да не се создаваат тензии на границите ниту со Македонија, ниту на која било држава во регионот“, изјави Спасовски.
Министерот Спасовски најави дека деновивие ќе оди во обиколка на сите Сектори за внатрешни работи за директно да се информира за случувањата во градовите.
Наташа Гркова- Петрушевска
