Се решава станбеното прашање на 43 семејства во социјален ризик од Кочани

03.12.2015 17:20

43 семејства во социјален ризик ќе го решат станбеното прашање со изградбата на зграда во рамките на владиниот проект за изградба на станови за лица од социјално ранливи категории.

На 43 семејства од Кочани во социјален ризик ќе им биде решено станбеното прашање. Градежните работи се одвиваат согласно со динамиката. Објектот е вреден 63 милиони денари.

Ова е втор станбен објект наменет за семејства во социјален ризик и се гради веднаш до веќе изградениот објект со социјални станови во кој живеат 29 семејства од социјално ранливи категории во кои спаѓаат лица без родители, самохрани родители, лица со инвалидитет, лица приматели на социјална помош, како и семејства од малцинствата.

Локалните власти сметаат дека  со двете згради со вкупно 72 станбени единици во моментов се задоволуваат потребите во однос на решавањето на станбеното прашање за лицата од социјалните категории.

Во рамките  на владиниот проект за изградба на социјални станови досега се изградени вкупно 678 станови, а во фаза на градба е и објект со социјални станови во македонски брод. Вториот станбен објект со социјални станови во Кочани според планот треба да биде завршен во август 2017 година.  До крајот на годинава се очекува ваков објект да почне да се гради и во Гостивар.

Во Кочани се гради и спортска сала во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во село Оризари. Салата е со капацитет за 500 лица и е опремена со современа спортска опрема. Инвестиција вредна 40 милиони денари. Ова е втора спортска училишна сала што се гради во Кочани, а се оечкува да биде готова за дваесетина дена. Салата е дел од владиниот проект за изградба на 145 училишни спортски сали низ Македонија.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска