Сан Бернардино: Најкрвав вооружен напад во САД
Во вооружен напад во Сан Бернардино убиени се 14 луѓе, а ранети 17. Нападот го извела брачна двојка која нападнала цивилни цели за време на божиќна забава поради религиозни мотиви.

14 мртви и 17 ранети, е билансот од најкрвавиот вооружен напад во САД. Брачната двојка Сајед Фарук и Ташфин Малик вооружени со оружје, носејќи маски и заштитни елеци отвориле оган врз божиќна забава за вработените во центарот за социјални работи во Сан Бернардино, Калифорнија.
Според полициски извори, нападот бил внимателно планиран, а напаѓачот Фарук бил американски државјанин и имал покана за забавата. Полицијата користејќи робот открила и уништила екплозивна направа на местото на нападот.
По нападот, напаѓачите побегнале од местото на настанот, но подоцна загинале во престрелка со полицијата. Двајцата напаѓачи имале оружје што легално го поседувале. Пред нападот ја оставиле 6-месечната ќерка кај бабата. Истрагата покажува дека се работи за терористички акт. Пред нападот, напаѓачите престојувале во Саудиска Арабија. Исламската држава веќе го поздрави нападот во Калифорнија.
Очевидци тврдат дека бројот на жртвите ќе бил поголем, доколку чуварите на центарот не реагирале со затворање на вратите и гасење на осветлувањето, како дел од веќе увежбаното сценарио во случај на вооружен напад.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
