Во Собранието продолжува расправата за извештајот на ЕК

04.12.2015 10:30

Во Собранието продолжува расправата за извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2015-та. На дневен ред законските корекции за постапување со бесправно изградени објекти, за градење и придонеси за задолжително социјално и пензиско осигурување...

Во Собранието денеска треба да продолжи расправата за Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2015 година, за кој во рамки на 74. седница пратениците расправаа во понеделникот и вчера.

На дневен ред на 74-тата седница се и измените и дополнувањата на законите за постапување со бесправно изградени објекти, за градење, за придонеси од задолжително социјално осигурување, за пензиското и инвалидското осигурување, сите по скратена постапка.

Пратениците ќе дебатираат и по Предлог законот за вработување и работа на странци и по Предлог законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, двата по скратена постапка.

На денешната седница ќе се расправа и по измените и дополнувањата на Законот за учебници за основно и средно образование по скратена постапка, како и по Предлог законот за изменување на Законот за учебници за основно и средно образование, во прво читање.

На дневен ред се и измените и дополнувањата на Кривичниот законик, Предлог законот за пробација, Предлог законот за амнестија поднесен од Павле Трајанов и Лилјана Поповска, Предлог законот за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите во прво читање, како и Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија.