Средба Вељаноски- Хамачек: Поддршка од Чешка за ЕУ, НАТО и бегалската криза
Хамачек ја потврдил континуираната чешка поддршка за македонските евроатлантски интеграции и изразил отвореност за соработка и споделување на искуствата на Чешката Република во однос на интеграцијата во Европската унија и НАТО...

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска оствари средба со претседателот на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република, Јан Хамачек.
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот на Собранието, Вељаноски ја истакнал досегашната одлична парламентарна соработка помеѓу девете земји и се заблагодарил на принципиелната политика на безрезервна поддршка која ја води Чешката Република кога станува збор за членствотo на Република Македонија во Европската унија и НАТО Алијансата.
Хамачек ја потврдил континуираната чешка поддршка за македонските евроатлантски интеграции и изразил отвореност за соработка и споделување на искуствата на Чешката Република во однос на интеграцијата во Европската унија и НАТО. Исто така истакнал дека оваа посета претставува можност да се разговара за мигрантската криза и изразил подготвеност Чешката Република да помогне во решавањето на проблемите со кои се соочува Република Македонија.
Во контекст на актуелната мигрантска криза Вељаноски нагласил дека Република Македонија вложува огромни напори, материјални средства и човечки ресурси да обезбеди хуманитарен третман на бегалците, притоа почитувајки ги меѓународните стандарди и принципи. Двајцата соговорници оцениле дека бегалската криза претставува хуманитарна криза, но истовремено и безбедносно прашање кое може да се реши само со целосно ангажирање, како на Европската унија и нејзините институции, така и на секоја поединечна членка.
Како што соопштуваат од кабинетот на Вељаноски, на средбата се разговарало и за актуалните случувања во двете земји, работата и активностите на Собранието на Република Македонија и била изразена и отвореност и подготвеност за продолжување на досега успешната парламентарна соработка помеѓу Република Македонија и Чешката Република. Двајцата соговорници се согласиле дека треба заеднички да се работи и на подобрување на економската соработката меѓу двете земји.
