Хамарчек: За Македонија се бориме во НАТО

04.12.2015 15:06

Поддршка од Чешка за македонските евроатлански интеграции. Хамарчек и Вељаноски се согласни дека проблемот со бегалците и мигрантите треба да се реши на ниво на Европската унија. Чешкиот прв парламентарец се обрати и пред македонското Собрание...

Се обраќам пред вас, свесен дека зборувам во парламентот на земја која ќе биде членка на Европската Унија, рече чешкиот прв парламентарец Хамарчек. Смета дека не треба да обесхрабрува тоа што 10 години Македонија има кандидатски статус, а се уште не ги почнала преговорите за членство. Не сакам да советувам, но членството зависи од Вас додаде истакна Хамарчек и додаде дека има фактори врз кои не може да се влијае. На средбата со неговиот домаќин,Вељаноски и во говорот во законодавниот дом рече дека Чешка и вишеградската група безрезервно ги поддржуваат македонските евроинтеграции. Свесен е дека одлуката за прием во НАТО се носи со консензус.

„Ако ме прашате како и помагаме на Република Македонија- се бориме во рамките на Алијансата“, рече Јан Хамарчек, претседател на Клубот на пратеници на Парламентот на Чешка.

„Покрај апсурдното вето на нашиот јужен сосед што е во спротивност на сите меѓународни документи, меѓу кои и пресудата на трибуналот во Хаг, сепак сеуште е голем процентот на граѓани кои ја поддржуваат оваа наша стратешка определба“, изјави претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Вељаноски и Хамарчек разговарале и за бегалската криза. Заеднички заклучок е дека Брисел не беше подготвен за соочување со бранот од кризните жаришта. Мора да има соработка и да се најде заедничко решение,бидејќи бегалската криза уште повеќе ја комплицираат терористичките напади.

„Ние имаме обврска да се заштитме од негативните последици кои доаѓаат со реката бегалци и хуманитарната криза, а тоа во прв ред е тероризмот“, нагласи Вељаноски.

„Бараме засилување на заедничкиот систем на заштита на надворешните граници во Шенген зоната. Ќе соработуваме во рамки на заедничкото европско решение со земји што најмногу ги засегаат мигрантските притисоци. Оттаму е јасно дека дел од таквото решение не можат да не бидат земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Македонија“, рече Хамарчек.

Претседателот на клубот на пратеници во чешкиот парламент Јан Хамарчек беше примен и од шефот на државава Ѓорге Иванов.

 

Милчо Велески