Доделени уште 35 лиценци за конзервација
Доделувањето на овие лиценци е една од најголемите инвестиции за промоција на македонското културно наследство...

Уште 35 експерти добија лиценци за вршење заштита на нашето непроценливо културно наследство, како sидното сликарство, вредните икони, сликарските дела, мозаиците, архитектонското и археолошкото наследство. Доделувањето на овие лиценци е една од најголемите инвестиции за промоција на македонското културно наследство.
Од денеска 35 експерти ќе можат непречено да ги конзервираат и реставрираат врвните дострели на нашето ѕидно сликарство, вредните икони и другите сликарски дела, мозаиците, архитектонско и археолошко наследство на Македонија кое е материјална вистина за развојот на цивилизацијата на нашето тло. Доделувањето на конзерваторските лиценци е една од најголемите инвестиции во соодветната заштита и промоција на македонското културно наследство бидејќи само со стручен приод кон културно-историските вредности кои ги поседуваме, ние можеме да им обезбедиме долговечност на овие вредни културни добра и да ги сочуваме за идните генерации, како доказ за нашето потекло, за нашето историско траење, рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
Стручните лица кои добија лиценци учествувале во голем број капитални проекти за конзервација и реставрација на профани објекти, на живописот на сакрални објекти, меѓу кои црквите Св. Богородица Перивлепта и Св. Софија во Охрид, Св. Ѓорѓи во Курбиново, Шарената џамија во Тетово.
