Петерле: Мигрантската криза покажа колку е важно Македонија да биде интегрирана
Мигрантската криза покажа колку е важно Македонија да биде интегрирана- став на европратеникот Петерле на состанок на Мешовитиот парламентарен комитет. Министерот Попоски изјави дека преговорите за членство остануваат врвен приоритет, и нивното почнување ќе овозможи надминување на билатералните прашања со некои земји-членки...

Потребно е динамизирање на евроинтегративниот процес на Македонија. Статус кво ситуацијата се уверивме дека не носи добри резултати - став на европратеникот Алојз Петерле по завршувањето на Мешовитиот парламентарен комитет во Скопје. Тој вели дека мигрантската криза покажала оти земјава мора да се интегрира, бидејќи Европа со неа мора заеднички да работи зашто е дел од бегалската рута.
„Оваа криза покажа уште причина за европската перспектива на Македонија, оти покажа колку сме ние меѓузависни и која цена ќе ја платиме доколку не соработуваме добро“, рече Петерле.
Европратеникот уште еднаш ги пренесе комплиментите од Брисел за Македонија која оценуваат дека успешно се справува со светскиот предизвик- бегалците. За министерот Попоски, земјава уште еднаш покажала дека треба да биде дел од европското семејство.
„Нема да сопре бранот се додека не бидат сопрени главните жаришта на конфликти. Сите очи во овој момент се свртени кон напорите за надминување на сириската криза, не што очекуваме да се случи во следниот период. Но, и денес да се случи, ние ќе бидеме соочени со последиците најмалку во текот на следната година“, изјави министерот Попоски.
По бурна расправа, 13-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и Европската унија заврши со препораки кои, како што рече претседателот Кенан Хасипи, се водилка како да се спроведуваат забелешките од извештајот на Европската комисија.
Катерина Топалова
