Волонтерите од Мировниот корпус почнуваат со службата
41 Американски волонтер ја завршија обуката. Почнуваат со службата. Со себе ја носат специфичоста од нивните средини, но, како што вели амбасадорот Бејли, има уште нешто поважно – желбата да изградат мостови на пријателство...

Лора Дешер живееше во македонско семејство. Таа е дел од групата волонтери кои во идните две години ќе работат на повеќе проекти во земјава. По давањето на свечената заклетва пред амбасадорот Бејли, групата волонтери ќе ја почне службата. Дел од нив ќе бидат во средните и основните училишта, дел во невладини организации и во локалната самоуправа.
„Волонтерите кога ќе дојдат овде со себе носат специфични вештини во областа на образованието и развојот на заедницата. Сепак најважнатa работа што ја носат со себе е желбата да изградат мостови на пријателство и на разбирање меѓу луѓето од македонија и луѓето од соединетите американски држави“, изјави Џес Бејли – амбасадор на Соединетите Американски Држави во Македонија.
„Бев возбуден кога ми кажаа за настанот, но сега сум уште повеќе. Се чувствувам како да имам повторно 11 години. Им посакувам успех на волонтерите и се надевам ќе имаат што да придонесат за оваа прекрасна земја“, рече Омур Солендил, амбасадор на Република Турција во Македонија.
Волонтерите на Мировниот корпус за време на обуката живееја во семејства за подобро да ја разберат културата и да ги научат локалите јазици.
„Воодушевена сум што Мировниот корпус ќе слави 20-годишнина во Македонија. Соединетите Американски Држави и Македонија имаат исклучително блиско пријателство и мило ми е што оваа соработка постои. Некогаш и јас самата давав свечена заклетва дека ќе станам волонтер на Мировниот корпус. Јас служев како наставник“, вели Кетлин Кори, директор на програмата на Мировен корпус во Македонија.
Во пресрет на 5-ти декември, Меѓународниот ден на волонтерството се одржа и прв национален форум на тема „Граѓански ангажман и волонтирање“. На саемот учествуваа голем број здруженија на граѓани.
Ана Јосифоска- Тодоровска
