Шенгенот на тест, Брисел размислува за двегодишна суспензија
По две години константни бегалски напади врз надворешните европски граници, во најголемиот дел низ балканската патека на која е позиционирана Македонија, Шенгенскиот договор ургентно се изменува. Ќе се контролира државјанството на патниците, на надворешните и на внатрешните граници на унијата, ова се однесува и на државјаните од земјите кои не се членки на Унијата и на кои им е овозможен безвизниот режим...

Времето веќе не е сојузник на Европа, изјави европскиот комесар за миграција, кој доаѓа од Грција, земјата во која како низ швајцарско сирење кон Европа, без ограничување, се упатија над половина милион мигранти за 6 месеци. Затоа, предлогот на луксембуршкото претседавање за измени на три децении етаблираниот Шенгенски договор најде основа во одлуките на министрите за внатрешни и на правда, на Унијата во Брисел. Меѓу другото и за негова суспензија од сегашните шест месеци на две години. Главната причина е претопувањето на терористите или џихадистите во миграцискиот наплив.
„Сега ќе зависи од секоја земја или група земји како ќе го применуваат Шенгенот. Со поголема контрола на слободата на движењето внатре во зоната. Тоа ќе го направиме со систематска проверка на податоците на населението, со инструментите кои ги поседува европол и кои ќе споредуваат со податоците на датабазата на интерпол“, вели Жил Кершо, европски координатор против тероризам.
„Оваа состојба е особено тешка за Австрија која е истовремено и транзит и целна земја за мигрантите. Со заштитата на југоисточните граници ќе го намалиме напливот“, вели Јохана Микл-Лајтнер, австриска министерка за внатрешни работи.
По неколкуте предупредувања од земјите на Западниот Балкан за порозноста на границите на јужниот сосед, особено од македонскиот државен врв, претседавачот со унијата побара во документот итно распоредување на Фронтекс. За ова доби поддршка и од Европскиот парламент.
„Грчките граници се европски граници. Не можеме да дозволиме Шенген зоната да наликува на швајцарско сирење. Не поминува аргументот дека управувањето со грчките граници од другите земји од ЕУ го нарушува грчкиот суверенитет. Не можете да бидете дел од Шенген зоната и истовремено да одбивате да ги браните надворешните граници на Унијата“, изјави Ги Верхофштат, лидер на европските Либералдемократи.
Во наредната недела околу 400 европски полицајци ќе почнат со регистрација на мигрантите на потегот кај железничкиот премин кај Гевгелија. Во Грција, фалсификуваните документи за мигрантите за наводно сириско, авганистанско и ирачко потекло стануваат вносен бизнис. Над милион и двесте илјади илегални премини се регистрирани од јануари до октомври годинава, за 400 насто повеќе од лани. Доколку наездата не запре, основачите на Унијата се закануваат со создавање европско јадро на држави, пишуваат медиумите во Германија.
Зоран Богатинов
