„Киро Ќучук“ ќе се рестартира

04.12.2015 17:56

30- тина работници веќе неколку дена работат на оспособување на производствениот процес. Засега тие се доволни за да го спроведат планот за рестартирање кој го има новиот сопственик „Еуро Брик Компани“...

Ремонт во „Киро Ќучук“. 30- тина работници веќе неколку дена работат на оспособување на производствениот процес. Засега тие се доволни за да го спроведат планот за рестартирање кој го има новиот сопственик „Еуро Брик Компани“. 80 проценти од производствените капацитети се уништени затоа и процесот на рестартирање ќе оди етапно, велат новите сопственици.

„Практично започнуваме од нула. Во монетов рестартирањето ќе чини околу 1,5 до 2 милиона евра за да стигнеме до некоја солидна ситуација и да отпочнеме со работа“, вели Тоше Кочов, директор на Еуро Брик Компани.

Погонот за производство на тули е првиот кој ќе проработи. Очекувањата се дека тоа ќе се случи во јануари наредната година.

„Ако оди се според планот замисливме рестартирањето да биде во средината или крајот на јануари 2016 година. Тогаш се надевам дека и бројката на вработени значително ќе се зголеми на околу 150“, вели Кочов.

Рестартирањето на оваа фабрика е од големо значење за локалната самоуправа. Процесот на санација, денеска лично го следеше и градоначалникот Чадиев.

„Она што денеска го видов е добро. Има сериозен простап се работи на ремонтот и очекуваме во ваква динамука да продолжат“, изјави градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.

Она што досега се произведуваше во „Киро Ќучук“ останува како производи кои и понатаму ќе се произведуваат. Истите се наменети за домашниот, но и странскиот пазар.

 

Дијана Иванова