До крајот на годината готови Детската клиника во Козле и ПЕТ центарот

05.12.2015 15:23

Премиерот Никола Груевски изјави дека многу брзо, оваа болница ќе биде пуштена во употреба...

Во областа на здравството се завршуваат два крупни и многу значајни проекти. Станува збор за Детската болница во Козле, инвестиција вредна 7 милиони евра. Премиерот Никола Груевски изјави дека многу брзо, оваа болница ќе биде пуштена во употреба.

Таа значително ќе ги подобри условите за лекување на деца кои имаат потреба од лекување во таа установа затоа што е нова, современа, со нова опрема, така што ќе биде навистина една додадена вредност во нашиот здравствен систем, рече премиерот Груевски.

Вториот значаен проект е исто така веќе готов болнички капацитет, а станува збор за ПЕТ центарот.

ПЕТ центарот е многу значаен за рано дијагностицирање, пред се на малигни заболувања. Не е значаен само за Македонија, туку има и регионално значење затоа што такви центри нема во секоја држава. Во него инвестиравме заедно за објектот и опремата околу 16 милиони евра. Тој е во самиот финиш. Некаде во текот на овој месец ќе биде завршен, пуштен во употреба и ќе следува неколкумесечен тест-период околу 5-6 месеци согласно меѓународните процедури за ваков вид на установи, додаде премиерот.

Владата планира и други проекти во македонското здравство, каде има и големи инвестиции.