Лекарите по спортска медицина предлагаат воведување на „Рецепт за вежбање за здравје“

07.12.2015 11:05

Рецептот за вежбање и здравје во многу европски земји веќе се спроведува по иницијатаивата на Европската федерација на лекари по спортска медицина. Македонското здружение предводено од еминентниот доцент д-р Зоран Ханџиски, веќе има извршено промоција на рецептот. Лекарите велат дека тоа ќе биде корисна и правилна алатка за рекреативците и за болните...

Физичката активност е половина здравје, но без превентивните прегледи и адекватна терапија место лек може да биде отров за организмот. Воведувањето на „Рецепт за вежбање за здравје“ и контролата од страна на лекар ќе оди во прилог на унапредувањето на здравјето, но и правилна терапија за поголем број болести. Лекарите по спортска медицина велат тоа ќе биде корисна алатка која ке го почитува концептот на ФИВВ.

„Тоа подразбира со каква фрекфенција ќе се спроведува таа физичка активност, со кој интензитет, понатаму времето и видот на физичката активност што ќе се спроведува во согласност со афинитетите и способноста на граѓаните тоа ќе го спроведуваме“, вели битолскиот специјализант по спортска медицина д-р Христо Бојаџиев.

Ако за професионалните спортисти тоа се вообичаени постапки, рекреативците сами го вршат изборот без да знаат за евентуалните последици.

„До денес пешачам постојано и самоиницијативно, ја поздравувам иницијативата на лекарите поинаку е кога ќе се консултирате со компететно лице, така треба да биде во иднина и никако поинаку“, вели битолчанецот Анастас Нашоку- Саку.

„Во секој случај тоа е добро и го подржувам“, вели и негов сограѓанин рекреативец.

Како целна група на ваквиот рецепт припагаат сите пациенти со исклучок на оние со акутно заболување или специфичен здравствен хендикеп.

„Со овој рецепт можат да бидат опфатени пациентите со висок крвен притисок, покачени маснотии, па и дијабетичарите и ве уверувам дека правилно насочената физичка активност кај сите нив ќе доведе до подобрување на параметрите“, вели д-р Христо Бојаџиев.

По иницијативата на Европската Федерација „Рецептот за вежбање и здравје“, веќе е имплементиран во скандинавските земји, а во некои е во завршна фаза. Дали истиот ќе се воведе на терет на Фондот за здравство и кај нас треба да кажат одговорните од ресорното министерство.

 

Стевче Митревски