Продолжува реконструкцијата на булеварот „Борис Трајковски“

07.12.2015 13:47

Проширувањето и реконструкцијата на третата фаза од улица Борис Трајковски ќе се врши на потег од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија...

Град Скопје го потпиша договорот за градежни работи за третата фаза од булеварот „Борис Трајковски“ во должина од два километра. Вредноста на фазата е 228 милиони денари.

„Со оваа реконструкција ќе биде проширена и комплетирана во делот на атмосферска канализација, осветлување, сигнализација и се друго што треба да има еден модерен булевар. На тој начин ќе им го подобриме квалитетот на живот, патувањето пред се, но и безбедноста на граѓаните кои живеат во Драчево или Пинтија, и сите други населени места во тој дел од град Скопје. Затоа како Влада го поддржавме проектот со 4,2 милиони евра, коишто сметаме дека се користат на најдобар можен начин“, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Проширувањето и реконструкцијата на третата фаза од улица Борис Трајковски ќе се врши на потег од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија.

„Новиот булевар ќе биде со 4 сообраќајни ленти, со вкупна ширина од 13,7 метри, пешачки патеки од двете страни, како и велосипедска патека за двете насоки на левата страна од булеварот. Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе се искористат за изградба на нова атмосферска канализација по должината на улицата, ќе биде извршена заштита и дислокација на постојните подземни инсталации, електрични и телекомуникациски, а ќе биде поставено и целосно ново улично осветлување“, рече градоначалникот Трајановски.

Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници со сообраќајот, велат недлежните.