Попоски: Не очекуваме одлука за старт на преговорите
Многу е веројантно дека Mакедонија нема да добие почеток на преговорите на декемврискиот самит на Европскиот совет, изјави во Брисел по средбите со амбасадорите во унијата министерот за надворешни Никола Попоски. По изборите во април ќе биде стеснет маневарскиот простор за какви било оправдувања на Унијата за почеток на пристапните преговори. Попладнево Попоски има средба со еврокомесарот Хан.

Приоритетите на Република Македонија во периодот до спроведување на изборите на 24-ти април идната година,беа во фокусот на денешниот состанок на ниво амбасадори на земјите- членки на Европската унија, на кој учествуваше и министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Европската комисија веќе даде препорака дека е потребно да се почнат преговорите, но додаде и неколку предуслови врзани за реформите, кои пак ќе бидат приоритет на земјите членки во однос на одлуките на Европскиот совет, на кој според македонскиот шеф на дипломатијата, нашата држава нема нереални очекувања.
„Не е за очекување дека Советот ќе носи одлуки за одпочнување на преговорите, но сосема е реално дека според тоа како досега ги спроведовме, вклучително и оние прашања кои покренаа поголемо прашање за нивна одржливост, да охрабрат поголема група на земји- членки да не се одложува континуирано ова прашање, особено што после април треба да излезат со конкретен извештај. Во оваа насока ги запознавме земјите- членки со сѐ што е досега реализирано во ова насока. Во најголем дел политичкиот договор е спроведен и мислам дека е стеснат просторот за било какви изговори, да бидат презентирани од оние кои беа поскептични за преговорите во рамките на ЕУ“, изјави мнистерот Попоски.
Справување на кризата со мигрантите е второто прашање за кое се дискутирало на денешната средба. Министерот Попоски ги информирал амбасадорите дека во таа насока Република Македонија во целост ги спроведува правилата кои се очекуваат и од Европската унија, со хуман и безбеден проток на мигранти низ европско- безбедносниот коридор, кој е воспоставен на нашата територија. Тој истакна дека предизвикот со т.н. економски мигранти, би требало да биде намален со упатување на силите на „Фронтекс“ на грчка територија.
Министерот Попоски вечерва ќе се сретне и со еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан. Темата на разговорите ќе биде политичкиот дијалог, имплементација на реформите и мигрантската криза.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
