Кап-Кон отвори фабрика во Бунарџик, нови 400 вработувања

07.12.2015 14:47

Со инвестицијата од 18 милиони долари ќе бидат отворени нови 400 работни места. Во фабриката веќе работат 75 работници. Ова е четврта инвестиција во последнава седмица...

Нова американска инвестиција во технолошко индустриската развојна зона Бунарџик кај Скопје. Отворена е фабриката на Кап-Кон, која се придружи на Џонсон Мети, Кемет Електроникс, Ван-Хул. Со инвестицијата од 18 милиони долари ќе бидат отворени нови 400 работни места. Во фабриката веќе работат 75 работници. Ова е четврта инвестиција во последнава седмица. 

Фабриката за производство на инфлатори за воздушни перничиња „АРЦ Аутомотив Македонија“ ќе биде извозно ориентирана, а производите примарно ќе бидат наменети за европскиот пазар.

„Радува фактот што плановите на инвеститорот не запираат тука и во иднина се планира инвестирање во технички центар на компанијата кој ќе биде дополнителна инженерска поддршка на целиот капацитет“, рече премиерот Никола Груевски, нагалсувајќи дека за само една седмица се одбележува изградбата или отворање на четврта фабрика.

Главниот извршен директор на Кап-Кон, Али Алхаџ информира дека досега во изградбата на капацитетот се инвестирани 12 милиони евра во машини и опрема.

Фабриката во Македонија ќе биде нашиот централен фокус на европскиот пазар. Инсталацијата на високософистицирани производни линии во комбинација со талентираниот локален персонал ќе ни овозможи да произведуваме само најквалитетни производи кои ќе бидат испорачувани до нашите потрошувачи, рече Алхаџ.