Француската крајна десница со најмногу гласови на регионалните избори

07.12.2015 15:48

По првиот круг од гласањето на регионалните избори во Франција, крајната десница-Националниот Фронт, предводен од Марин Ле Пен се најде на првото место според бројот на освоените гласови во 6 од13 региони. Националниот фронт, според пребројаните гласови, освои околу 28% од гласовите, пред десницата помалку од 27% и социјалистите со околу 23% од гласовите. Партијата на Ле Пен, така, има предност во шест региони, Републиканците на Саркози во четири, а социјалистите на Оланд во два региона, додека на Корзика во водство е коалицијата на левите сили...

Најдобри резултати покажале претседателката  на Националниот Фронт, европратеничката Марин Ле Пен и нејзината внука Марион Марешал Ле Пен, која е пратеник во француското Национално собрание (Долниот дом на Парламентот). Марин во северниот регион Нор-Па-де-Кале-Пикарди освојува 40 до 41 отсто од гласовите, пред кандидатот на Републиканците и на Социјалистите. Марешал Ле Пен, пак, во јужниот регион Прованса-Алпи-Азурен брег, е во водство со 40,9 до 41,9 отсто до гласовите, нокаутирајќи го градоначалникот на Ница, Кристијан Естрози од редовите на десниот центар – Републиканците, кој освојува 24,5 до 25 отсто, додека социјалистите во овој регион имаат 18 отсто од гласовите.

Обраќајќи им се на симпатизерите, Марин Ле Пен изјави дека резултатот е „фантастичен“ , што потврдува дека Националниот фронт е најсилната партија во Франција“.

„Овој прекрасен резултат го прифаќаме со скромност, сериозност и со длабоко чувство на одговорност. Националниот Фронт е единствениот вистински Републикански фронт, бидејќи е единствениот кој ја брани нацијата и нејзиниот сувернитет“, рече Марин Ле Пен.

Лидерот на Републиканците, поранешниот француски претседател Никола Саркози изјави дека нема да преговара за Републикански сојуз со социјалистите, наспроти крајната десница.

Владеачките социјалисти на Франсоа Оланд се најголемите губитници по првиот круг од Регионалните избори. Кристоф Камбаделис, генералниот секретар на паријата, изразувајќи надеж дека обединувањето на левицата може да доведе до победа во некои од регионите.

„Во регионите со ризикот од Националниот Фронт, каде левицата не е пред десницата, Социјалистичката партија одлучи да направи републиканска препрека, посебно во Норд Па де Кале – Пикарди и Прованс Кот д’Азур“, рече Камбаделис.

Социјалистите го повика Жан- Пјер Масре предводникот на социјалистите на Големиот Источен регион, Алзас, Лорен, Шампањм Арден да ја повлечи листата, но тој категорички одби, според него потребен е демократски избор и најдобар одговор да се мобилизира против Националниот Фронт.

Победникот ќе го даде вториот изборен круг, предвиден за 13-ти декември. Но, овие избори кои се одржаа во сенката на терористичките напади и воведувањето на вонрдна состојба, очигледно ги наведе французите на самозатворање и вртење кон крајната десница, тенденција која е присутна во скоро сите последни избори.

 

Тони Гламчевски, постојан дописник од Франција за МРТ