Скандал во Србија: Министерот за одбрана ќе биде сменет поради недолична изјава

07.12.2015 15:58

По скандалот на српскиот министар за одбрана кој изјави дека „сака новинарки кои лесно клекнуваат“ ќе биде сменет, соопшти премиерот Вучиќ...

Скандалозната изјава на министерот за одбрана Братислав Гашиќ ќе го чини министерско место. Новинарските здруженија и јавноста во Србија, вчера беа шокирани и остро реагираа по изјавата на Гашиќ дадена пред медиумите за новинарката на Б-92 која која клекна пред него за да не биде во кадарот на снимателите.

Реакциите на јавноста, партиите и медиумите во Србија по објавување на оваа снимка на социјалните мрежи беа единствени во осудата на дискриминаторскиот и сексистички чин од носителите на највисоки функции во државата. Новинарските здруженија закажаа протест пред владата и бојкот, со барање кон нив власта да се однесува со почитување и оставка на министерот. По ваквите рекции премиерот Вучиќ тоа и го најави

„Братислав Гашиќ неможе да остане министер за одбрана, после ваквите навреди искажани на сметка на една жена со што се навредени сите жени“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ.

Вучиќ изјави дека е шокиран и во име на српската влада и се извини на новинарката Златија Лабовиќ, што го направи и самиот министер за одбрана Гашиќ. Овој скандалозен коментар на министерот за одбрана се појави во екот на бројни обвиненија меѓу таблоидите „Курир“ и „Информер“ за наводен државен удар во Србија, на повеќе кривични пријави и информативни разговори во полицијата на неколку новинари и полемика во јавноста за односот на власта кон медиумите во Србија.

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ