Кап-Кон отвори фабрика во Бунарџик

07.12.2015 16:43

Американски Кап-Кон отвори фабрика во индустриската зона Бунарџик. Инвестицијата е вредна 18 милиони долари, ќе има вработување за 400 луѓе. Компанијата ќе произведува делови за воздушни перничиња за европскиот пазар. Надлежните велат - од Македонија се извезуваат автомобилски делови за Ферари, Бентли и Порше. Ова е четврта инвестиција во последнава седмица...

По Џонсон Мети, Технохозе, Кемет, Ван Хул, во Бунарџик стартува со работа фабриката на американски Кап-Кон, инвестиција вредна 18 милиони долари која ќе отвори 400 работни места. Отворањето на фабриката е резултат на владиното роуд шоу. Пред две ипол години американските бизнисмени слушнаа за поволните услови за инвестирање во Македонија, а пред една година американски Кап-Кон донесе одлука да отвори фабрика во Македонија. Покрај оваа, во наредниот период ќе се отвораат уште фабрики, најави премиерот Груевски. Неделава се реализираа нови четири инвестиции.

„За една недела се одбележаа четири нови фабрики во државата. Тоа одамна се нема случено во Македонија. Тоа е доказ за интересот за инвестирање кој владее во нашата држава. Потврда за постојаните рангирања на земјата како една од најдобрите бизнис дестинации- во последното рангирање Светската банка ја рангираше земјава на шесто место во Европа и 12-то во светот“, изјави премиерот Никола Груевски.

Компанијата поседува најмодерна опрема за прозводство на инфлатори за воздушни перничиња, а производството ќе биде наменето за европскиот пазар, но инвеститорот не застанува тука, во иднина ќе отвори и технички центар.

„Инсталацијата на високософистицирани производни линии во комбинација со талентираниот локален персонал ќе ни овозможи да произведуваме само најквалитетни производи кои ќе бидат испорачувани до нашите потрошувачи. На крајот на краиштата, нашата мисија е да произведуваме квалитетни производи кои ќе спасуваат животи“, изјави главниот извршен директор на Кап-Кон, Али Ал Хаџ.

Од Македонија денеска се извезуваат автобуси кои ги користи Гулг и се возат во Дизниленд, во земјава се произведуваат делови кои се вградуваат во Ферари, Бентли и Порше. Според првиот финансиер Ставрески, отворањето на новите фабрики придонесуваат за раст на економијата, намалување на невработеноста и подобар стандард за граѓаните.

„Ако до пред само пет години соодносот на извозот од земјава на машини и  суровини беше два наспроти еден во корист на суровините денес тоа е обратно, односно пет наспроти еден извозот на машините и опремата во однос на суровините. Значи, имаме петкратно повеќе извоз на машини и опрема отколку што имаме на суровини“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

„Ако секој трет катализатор во Европа се произведува во Република Македонија, од денес и секој трет инфлатор за европските автомобили ќе се произведува во Македонија“, изјави заменик министерот за економија, Кристијан Делев.

Покрај инвестицијата на Кап- Кон, само месецов се официјализираа три инвестиции. „Монтанте груп“ која во јануари ќе гради фабрика за амортизери на шински возила, американски „Гентерм“ во Прилеп, која ќе произведува греачи за автомобили и турски „Левидиагро“ во Кочани.

 

Викторија Милевска