Економијата- главна тема на изборната трка во САД
Економијата е една од главните теми на изборната трка во Соединетите Американски Држави. Експерти и поранешни советници во Белата куќа советуваат дека идниот американски претседател треба да иницира вложување во инфраструктурата, даночна реформа, намалување на долгот и зголемување на платите.

Претседателските кандидати треба да се фокусираат на зголемување на стандардот на сиромашните и средната класа Американци, оценуваат експерти, поранешни советници за економија во Белата куќа. Според нив, ова може да се постигне со повеќе работни места и зголемување на платите.
„Она што јас би го советувал е длабоко вложување во инфраструктурата. Нешто посериозно од она што го правиме со автопатиштата, што во основа е само одржување. Ова ќе придонесе за подобрување на економската ситуација на работниците, но и генерално на општеството“, вели Џаред Брнштајн, поранешен советник на американскиот претседател Барак Обама.
„Имаме 15 години стагнација на платите за 90 проценти од вработените, што ги погодува гласачите на републиканската и на демократската партија. Затоа би му рекла на идниот претседател од која и да е партија, дека ова е нешто што не смее да се дозволи во наредните 15 години“, додава Нира Танден, поранешен советник на американските претседатели Бил Кинтон и Барак Обама.
Соединетите Американски Држави мора да имаат поголем економски раст од 2,3 проценти, за да се подобри економската ситуација во земјата и да се намали долгот, оценуваат екпертите.
„Една голема политика е фундаментална даночна реформа. Со даночење на бизнисите ќе имаме поголем економски раст и подобра даночна политика за Американците со помали приходи. Ако иновациите водат кон поголем раст, тогаш треба да се почне од даноците“, смета Глен Хабард, декан и професор на студиите за бизнис на универзитетот Колумбија.
„Имаме речиси трилиони долари дефицит, од кои 85 проценти се камати од претходни задолжувања. Се движиме кон многу опасна политика на фискално задолжување, ако состојбата се остави вака. Мораме да направиме нешто, а јадрото е реформа на социјалното осигурување. Прво, за срамота е што на пензионерите ќе им се намалат пензиите за 25 проценти во наредните 20 години“, вели Даглас Холц-Ејкин, поранешен советник во изборната кампања на претседателскиот кандидат Џон Меккејн.
Експертите оценуваат дека претседателските кандидати треба да се изјаснат дали се за зголемување на данокот за компаниите и за граѓаните, како и за обезбедување на работна сила од имигрантите.
Според експертите, идниот американски претседател треба да иницира реформа на финансискиот систем, односно негова поголема контрола.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
