Се празнува Свети Климент Охридски
Македонија го чествува Свети Климент Охридски, најистакнатиот ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј. Соборниот храм во Скопје што го носи неговото име, беше преполн со верници...

Основоположник на првиот Словенски универзитет- Охридската книжевна школа Свети Климент Охридски за навек им остави на поколенијата големо духовно и културно богатство. Од школата на првиот епископ словенски, уште познат како Велички излегоа 3.500 ученици. Тој одредил седум брзопишувачи на житија за христијаните маченици што настрадале поради вербата во бога.
Сега и мислители и верници се потсетуваат на неговите дела. Дојдени во божјиот храм за молитва за здравје и благосостојба, но и за искрата на напредокот каков што претпочитал големиот просветител.
„Денот е голем, Св. Климент бил прв основател... Оставил голема трага во христијанството... Се помоливме за здравје и среќа, за подобра иднина“, велат верниците.
Од светата литургија пренесени се универзалните вредности и принципи проповедани од него:
„Плодот на Свети Климент е секако стократен. По божја милост и ние сме наследните на оние 3.500 ученици обучени да бодат ловци на луѓе, кои треба да го земат царството небесно кое им припаѓа, и да благовестат за тоа колку е благ Господ.“
Како еден од учениците на Светите Кирил и Методиј, Климент Охридски учествувал во Моравската мисија, но по смртта на Методиј бил протеран од Панонија.
Идната година се одбележуваат 1.100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски, големиот македонски деец и просветител.
Фиљана Кока
