Охрид го чествува Свети Климент

08.12.2015 15:21

Охрид денеска го чествува патрониот празник на градот Свети Климент Охридски. Илјадници охриѓани и верници од целата земја од синоќа го посетуваат Светиклиментовиот храм и се поклонуваат пред моштите на светецот...

Сите патишта во Охрид денеска водеа кон охридскиот рид, на Плаошник, каде што илјадници верници се поклонија пред моштите на Свети Климент Охридски- Чудотворец. По повод големиот празник во возобновениот Светиклиментов храм беше отслужена света архиерејска литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Тимотеј во сослужение на охридското свештенство.

„Се она што тој го направил, учењето на македонскиот народ, учењето на македонската црква,постојано го покажува во сите оние учења кои што ние ги имаме во секојдневието“, изјави Ангел Јанев, заменик градоначалник на Охрид.

Охриѓани ја продолжија традицијата, уште синоќа се собраа на градскиот плоштад по што со литија, сплотено со свеќи во рацете се упатија кон Светиклиментовиот храм на Плаошник, каде што ја проследија вечерната богослужба.

„Голема е честа што ја носам иконата кон храмот посветен на Свети Климент и Свети Пантелејмон и се надевам дека и наредната година ќе учествувам во оваа литија.

„Се надевам дека наредната година овој настан ќе биде уште поголем“, велат учесниците во литијата.

Во Охрид празникот се одбележа со бројни настани, а вечерва на свечена академија ќе биде врачена најголемата општинска награда „Свети Климент Охридски- патрон на Охрид“, која годинава му беше доделена на Општинската организација на Црвениот Крст.

 

Сашо Нелоски