Нови поволности за студентите и средношколците

08.12.2015 16:07

Студентите задоволни што освен бесплатни билети за железницата, театрите, кината и музеите ќе добијат и бесплатен јавен градски превоз. Велат, така ќе заштедат и тие и нивните семејства...

Новите владини мерки- помош и поттикнување на културниот дух кај младите. Студентите задоволни што освен бесплатни билети за железницата, театрите, кината и музеите ќе добијат и бесплатен јавен градски превоз. Велат, така ќе заштедат и тие и нивните семејства. Средношколците, пак, задоволни што установите за култура ќе бидат отворени и за нив.

„Секој четврток во новиот театар, сепак и ние заштедуваме што сме од другите градови, имаме помалку трошоци... Нашите нема да трошат толку пари на превоз... Сите поволности ги искористивме, се возевме и со жичара, со воз, бесплатно автобусите во четврток ги користевме, ни треба тоа на нас студентите“, велат студентите кои ги анкетиравме.

По Проектот „Слободен четврток“ наменет за студентите, надлежните најавија нов проект- „Средношколска среда“.

„Со цел грижа за повисок студентски стандард, на сите редовни студенти на државните универзитети ќе им биде овозможен бесплатен превоз во јавниот градски сообраќај, односно во јавниот автобуски превоз во Скопје и во другите градови каде што има организиран јавен автобуски превоз. Секоја среда на сите средношколци, ќе им овозможиме бесплатен превоз на жичарницата на Водно и со железничкиот сообраќај во Република Македонија, како и бесплатни билети за театрите, музеите и кината во државата“, соопшти премиерот Груевски.

Во вчерашниот говор на академијата за празникот Свети Климент Охридски, премиерот Никола Груевски рече дека на овој начин ќе се зголеми мобилноста на младите и ќе се влијае на зголемување на свеста за посета на установите на културата. Двата нови проекта почнуваат од 1-ви јануари наредната година.

 

Наташа Јанчиќ