Навремено раздолжување: Исплатени 150 милиони евра за еврообврзницата од 2005-та

08.12.2015 16:18

Според вицепремиерот Ставрески, иако еврообврзницата е издадена во времето на СДСМ, се работи за долг на државата и секоја Влада мора одговорно да постапува. Само во декември, министерството ќе врати назад стари обврски од 235 милиони евра...

Министерството за финансии исплати 150 милиони евра за еврообврзницата издадена во 2005- тата година. Досега со главнината исплатени се 219 милиони евра. Еврообврзница е издадена пред десет години со каматна стапка од 4,625 проценти. Според вицепремиерот Ставрески, иако еврообврзницата е издадена во времето на СДСМ, се работи за долг на државата и секоја Влада мора одговорно да постапува. Само во декември, министерството ќе врати назад стари обврски од 235 милиони евра.

„Ќе платиме уште 6 милиони евра камата и дополнително низ годиниве имаме платено уште 63 милиони евра камата, значи вкупно за таа еврообврзница имаме платено 69 милиони евра камата како држава за 10 години плус 150-те милиони евра што ќе ги вратиме. Тоа е значителен износ на средства, но тоа обврски се кои ги направила една влада, но секоја следна влада која што се однесува одговорно и сериозно мора да ги сервисира тие обврски и да ги врати тие пари“, вели Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Владата навремено се раздолжува и ги сервисира обврските, со што остава добар впечаток кај инвеститорите, вели Ставрески. Инвеститорите мора да знаат дека имаат работа со сериозна држава, сериозни институции бидејќи во иднина исто така треба се запишат еврообврзници.

„Ние тоа го правиме како што го работат сите земји кои што се свесни за тоа дека не може политички да се гледа на обврските на една влада туку тие треба да се гледаат како обврски на државата. Дали ги направил СДСМ во 2005 година ние мораме да ги исплатиме тие средства, инвеститорите мора да знаат дека имаат работа со сериозна држава, сериозни институции бидејќи во иднина исто така треба се запишат еврообврзници и само преку еден таков пристап може да се поправи впечатокот и да се има добар впечаток кај инвеститорите“, објаснува Ставрески.

Последната еврообврзница од 270 милиони евра ја запишаа повеќе од 100 инвестициски банки, пензиски фондови, осигурителни компании, еквити фондови од САД, Европа и од други земји. Побарувачката беше 2,5 пати повисока од понудата. Аукциите се начин на финасирање на буџетот, еден од моделите за финансирање на буџетот е од домашни извори, аукциите или со издавањето на еврообврзници или пак комбинација од двете. 

 

Дијана Ценевска