Компании од Сингапур заинтересирани за инвестиции во Македонија

08.12.2015 16:25

Македонија ги претстави можностите за инвестирање во земјава пред 30-тина водечки сингапурски компании. Во соработка со Сингапурската бизнис федерација, министерот за странски инвестиции Горан Мицковски ги претстави бизнис-амбиентот и поволностите за вложување. Следна дестинација на владиниот економски тим предводен од Мицковски е Јапонија, каде што в петок ќе биде организиран бизнис-форум во Токио, со присуство на водечки јапонски компании.

Македонија ги претстави инвестициските потенцијали пред сингапурската бизнис-заедница. Во соработка со државната Бизнис федерација, владиниот економски тим предводен од министерот Горан Мицковски ги презентира економскиот амбиент и поволностите за инвестирање во земјава пред  30-тина водечки сингапурски компании. Најзастапени сектори- производството, логистиката, туризмот, финансиите. Некои од нив имаат сериозен интерес, конкретни идеи и наскоро планираат да дојдат во Македонија.

„Неколку сингапурски фирми веќе изразија намера да ја посетат Македонија во првата половина на 2016 и очекувам некои од овие проекти да се реализират во блиска иднина. Имаше неколку сектори, првиот беше производствениот, потоа имаше фирми од финансискиот сектор, како ТБС и други. Имаше фирми од логистиката и транспортот. Неколку од нив се водечки и се заинтересирани за отворање логистички центри во регионот каде што е Македонија. Имаше фирми од туристичката сфера , коишто се занимаваат со недвижности и развој на хотели. Имаше и неколку фирми од агробизнисот“, изјави за МРТ, Горан Мицковски-министер за привлекување странски инвестиции.

Македонија е географски далеку и не е често присутна во земјите на далечниот исток и затоа Владата планира да ја зголеми присутноста и да ги засили промотивните активности во овој дел од светот, најави Мицковски.

Веќе в петок, владиниот економски тим е во Јапонија каде што во Токио ќе биде организиран бизнис форум пред поголем број водечки јапонски компании и финансиски институции.

Свето Николовски