Груевски: Никој не смее да го заплашува народот, ќе се спротивставиме на секоја закана
Никој не смее да го заплашува народот и ние ќе се спротивставиме на секоја закана. Премиерот Гуевски испрати ваква порака од синоќешната Свечена академија. Во својот говор премиерот се посвети и на справувањето со бегалската криза.

„Народот не постои за политичарите, туку тие постојат за народот, кој одбира и решава“, вели премиерот Груевски. Според него, неприфатливи се заплашувањата од политичките опоненти кон пензионерите, земјоделците, социјално ранливите категории, бизнисмените, судиите, обвинителите, новинарите. Од синоќешната академија порача- силно и решително ќе се спротивставиме на сите оние кои го заплашуваат народот.
„Не сакам на овој празник да се конфронтирам, но и нема да премолчам и не смеам да премолчам, и да не кажам дека секој оној кој се дрзнува да го навреди народот, да го потцени, да го заплаши, ќе наиде на препрека во мене лично и во политичка гарнитура која ја предводам. И нема да помине“, рече премиерот Груевски.
За медиумите ќе прифатиме само европски искуства, рече Груевски, потенцирајќи ги принципиелните и реалните позиции. Македонија има закон за медиуми од 2013-та, позитивно оценет од ОБСЕ и од ЕУ.
„Ние сме подготвени да прифатиме измени на закон или нов закон, но само ако таков закон постои во било која европска земја, членка на ЕУ, и кој ќе биде прифатен од оние на кои се однесува, на медиумите и новинарите. Поевропски од ова нема, поевропски здравје! Кој закон сакаат од земја членка на ЕУ таков ќе прифатиме. Но, не нешто што никаде го нема“, нагласи Груевски.
Осврнувајќи се на мигрантската криза, премиерот Груевски посочи- безбедноста е значајна компонента и таа не е и не може да биде секундарна работа, а за сметка на хуманоста. Дејствувањето на јужната македонска граница е и во интерс на Европа. Се води евиденција и никој неможе да ја обвини Македонија за нехуманост, рече Груевски, посочувајќи го примерот со косовската криза кога во земјава привремено беа згрижени околу 360 илјади бегалци. Повика на координиран одговор на кризата.
„Европските сојузници, меѓународните актери, невладините и хуманитарните организации околу споделено и одржливо решение за оваа криза во која Македонија од сопствени ресурси, без сериозна финансиска помош од надвор, прави се за хуман третман на оние кои бегаат од виорот на војната. Ќе продолжиме да се однесуваме одговорно и посветено на оваа тема“, рече Груевски.
Поставувањето ограда е резултат на заклучоците од Советот за безбедност и од проценката на стручните лица. Единствена цел целта е канализирање на протокот на бегалците. Границата е отворена, потенцира Груевски. Може да влезат бегалците од земјите зафатени со воени дејствија, принцип и од земјите- членки на Унијата.
Наташа Гркова- Петрушевска
