Енормно загадување во Пекинг, прогласен црвен аларм

08.12.2015 16:44

Училиштата се затворени, а забранети се и сите работи на отворено. Владата го ограничи движењето на автомобилите, на приватните возила им е забранет пристап во престолнината. Фабриките работат со намален капацитет...

Поради енормното загадување, прогласени се највисоко ниво на тревога и црвен аларм во Пекинг. Училиштата се затворени, а забранети се и сите работи на отворено. Владата го ограничи движењето на автомобилите, на приватните возила им е забранет пристап во престолнината. Фабриките работат со намален капацитет.

„Во Пекинг живеам веќе 20 години. Порано не беше вака. Имаше многу малку автомобили. А погледнете сега. Има се повеќе. Има многу причини за загадувањето“, вели жител на Пекинг.

Владата во Кина прв пат прогласува црвен аларм, откако по три дена концентрацијата на штетни честички изнесува 300 микрограми по кубен метар. Според Светската здравствена организација, дозволена концентрација е 25 микрограми по кубен метар.

Од загадувањето многу кашлам и имам проблеми со белите дробови.

Многу земји вложуваат големи напори во борбата против загадувањето. Мислам дека и нашата влада ќе почне да го решава овој проблем. Се надевам дека и ние ќе најдеме начин да го намалиме загадувањето“, велат жителите.

Повеќето штетни гасови во Кина се последица на согорувањето јаглен за добивање електрична енергија и за греење, а емисијата на таквите гасови врвот го достигнува во текот на зимата кога побарувачката е максимална.

Кина е една од земјите кои најмногу го загадуваат воздухот. Владата соопшти дека  планира сериозно  да се ориентира кон овој проблем и до 2020  да го намали загадувањето за 60 насто.

 

Марија Петковска