Катастарот ќе издава имотен лист за минута
Наместо за пет минути, појасни Трпески, сега имотни листови ќе се издаваат за минута, бидејќи системот е со посилни перформанси...

Поголема искористеност на ресурсите, зголемена флексибилност, намалување на трошоците и скратување на времето потребно за решавање на предметите се бенефициите од надградбата на електронскиот систем на Aгенцијата за катастар на недвижности.
Со воведувањето на новата платформа се зголемува брзината за решавање на предметите, капацитететот на електронските сервиси, се зголемува брзината на пристап преку електронскиот шалтер од страна на професионалните корисници, рече денеска на прес-конференција Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.
Наместо за пет минути, појасни Трпески, сега имотни листови ќе се издаваат за минута, бидејќи системот е со посилни перформанси.
Роковите за решавање на предметите се исти, но ако досега вработениот или професионалниот корисник по одбирање на кој било предмет очекувал да се подигне за минута или половина минута затоа што се работи за фајлови кои се скенирани и имаат определена тежина, сега тоа се прави за неколку секунди и поради тоа се зголемува брзината за решавање, рече Трпески.
