„Гласоечко“ впишано на Листата на УНЕСКО

09.12.2015 14:29

Карактеристично за Долни Полог, ова пеење се пренесува со генерации и е симбол на културниот идентитет на македонскиот народ од овој регион, кој во гласоечките песни ги вградил својата историја, митологија, традиција и култура...

Двогласното машко пеење „Гласоечко“ е трето културно добро впишано во Листата на УНЕСКО за заштита на нематеријално културно наследство. Карактеристично за Долни Полог, ова пеење се пренесува со генерации и е симбол на културниот идентитет на македонскиот народ од овој регион, кој во гласоечките песни ги вградил својата историја, митологија, традиција и култура.

„Впишувањето на сите овие добра на листите за заштита на УНЕСКО е исклучителен успех за Македонија, бидејќи на овој начин ние повторно ја легитимираме сопствената култура, традиција и идентитет во меѓународни рамки. Со овие културни добра нашата држава трајно се позиционираше на светската мапа на културно наследство на народите“, истакна министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

Од осумте предложени добра за впишување на листата на УНЕСКО, Македонија се најде во четирите прифатени, со што се отвораат можности за финансиска поддршка од УНЕСКО за негова натамошна заштита и афирмација на домашно и на меѓународно ниво.

„Пред една недела доживеав посебна чест, задоволство и гордост, од името на носителите на гласоечкото пеење, македонскиот народ и Република Македонија, да ги поздравам претставниците од 130 земји од светот кои учествуваа на 10-тата сесија на меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за нематеријалните културни добра во Намибија“, рече Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство.

„Гласоечко“ е трето културно добро кое Македонија го впиша на листата на заштитени добра на УНЕСКО. Пред две години на репрезентативната листа за нематеријално културно наследство беше впишан уникатниот верски обичај од штипско „Четрсе“, а минатата година и македонската „Копачка“, машкото соборско оро од село Драмче.

 

Александра Перевска