Личните карти за кои се води истрага не биле употребени за изборни цели
Личните карти за кои се води истрага не се употребени за изборни цели - тврди заменикот министер за внатрешни работи, Чавков. Оценува- случајот е искористен само за дневно-политички цели...

Личните карти за кои се води истрага не се употребени за изборни цели- тврди заменикот министер за внатрешни работи Митко Чавков. Според него, со начинот на кој бил отворен случајот и понатамошните изјави се покажало дека тоа е само за дневно- политички цели. Тој се повикува на потврдата на Државната избона комисија дека ниту едно од имињата на личните карти не гласало на минатите избори, бидејќи не биле впишани во избирачкиот список.
„Сето тоа беше очигледно со намера да се креира една атмосфера или да се стекне едно мислење дека овие лични карти се искористени за изборни цели. Се разбира дека тоа е дневна политичка цел и интенцијата беше да се стекне впачаток дека е дел од долго најавуваните изборни нерегуларности“, рече Чавков.
Министерот за внатрешни, Оливер Спасовски неколку пати претходно изјави дека фалискифуваните лични карти биле употребени во изборен процес.
„Првото мое сознание беше преку добивање информации од терен уште минатата година во текот на изборниот процес, дека можно е да се случуваат одредени работи кои се нелегални, меѓутоа тоа беше сознание и шпекулација во јавноста, која дојде до мене и до партијата“, изјави Спасовски.
Основното јавно обвинителство информира дека оформило предмет за настанот со наводните фалсификувани лични карти. „Во тек е предистражна постапка во која досега е прибавена релевантна писмена документација и потребни податоци“- велат од таму.
Неделникот „Фокус“ во своите текстови пишуваше дека 30.000 лични карти се фалсификувани, а до обвинителството за истрага биле доставени 105. ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати го повика министерот Спасовски, случајот со личните карти да биде што поскоро расчистен и да се најдат одговорите - кој и за каква намена ги направил овие документи, а и каде се останатите над 29 илјади.
Миле Ристески
