Странските инвеститори со потврда за добрата бизнис клима

09.12.2015 16:28

„Македонската економија е на прав пат и се движи со солиден чекор напред“- оценка од Советот на странски инвеститори. ММФ и Светска банка порачуваат- до забрзан раст со креирарње нови работни места...

Македонската економија е на вистинскиот пат и се движи со солиден чекор, оценуваат од Советот на странски инвеститори. Има добра бизнис клима и за странските инвеститори и за домашниот приватен сектор. Од Советот велат дека во наредниот период  политичката состојба може да има влијание. Очекуваат компаниите што се решиле да инвестираат, дека ќе ги земат во предвид сите фактори, рече претседателот на Советот, Штефан Петер.

„Ние како Совет на странски инвеститори воспоставивме трајна форма на дијалог со странските инвестиции во земјата. Ситуацијата во Македонија е многу добра. Генерално, Македонија е на прав пат“, вели Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Според претставникот на ММФ, Житон, Македонија треба да зацрта среднорочни фискални цели. Една од темите во Извештајот била структурата на буџетот, да стимулира раст и нови инвестиции, да гарантира продуктивни трошења.

„Македонија се движи со солиден чекор во 2015, 2016 година, иако во споредба со бројките од пролетта, има мало опаѓање“, потенцира претставникот на ММФ, Патрик Житон.

Проекциите на Светска банка за 2015 година се 3,2 проценти, што е солиден раст во рамките на регионот, велат од канцеларијата на Светска банка. Политиките кои поттикнуваат забрзан раст во наредните години треба да доведат до креирање нови и  подобри работни места за младите. ­

„И покрај овој раст, невработеноста во регионот претставува главен структурен проблем- нешто на што владите во регионот треба да се фокусираат за да се намали“, вели претставникот од канцеларијата на Светска банка, Бојан Шимбов.

Извештаите на ММФ и Светска банка во регионот бележат забрзан економски раст поттикнат од зголемената побарувачка и извозот.

 

Дијана Ценевска