Аерозагадувањето станува алармантно

09.12.2015 16:52

„Аерозагадувањето станува алармантно“ - предупредуваат од Институтот за јавно здравје. Порачуваат дека треба да се преземат активности кои ќе дадат резултати на долг рок. Нивните податоци со зголемен број пациенти со респираторни и кардиоваскуларни проблеми покажуваат дека состојбата не е за занемарување...

Носењето маска, прскањето на улиците, неизлегувањето од дома не се доволни мерки за заштита од штетните честички. Од Институтот за јавно здравје апелираат дека мора да се преземат активности кои ќе дадат резулати на долг рок поради алармантната состојбата со аерозагадувањето.

„Да се ограничи сообраќајот во централните потрачја на градовите, да се забрани возилата кои се постари воопшто да не влегуваат во тој дел, да се направи организација на системот на сообраќај. Тогаш ќе дојде до одредено намалување, не веднаш, но тоа е еден од начините да се намали аерозагадувањето во екот на сезоната. Сите други мерки треба да се прават вон сезоната“, вели проф. д-р Драган Ѓорѓев, национален кординатор за областа здравје и животна средина.

Не се исклучува можноста, по примерот на некои земји, поради високото загадување да се затворат јавните објекти, училишта, детски градинки. Наредната недела ќе има средба на која интерсекторска група ќе ги утврдува алармните нивоа.

Дека состојбата не е за занемарување покажуваат податоците на надлежните, до 40 проценти повеќе пациенти со респираторни и кардиоваскуларни проблеми има кога загадувањето е поголемо од дозволеното. Над 1.000 луѓе во Македонија умираат поради аерозагадувањето.

Од министерството за животна средина најавуваат средба со локалните власти за да најдат решение за аерозагадувањето.

„Општините се надлежни да изготват план за ваква состојба, ние им даваме препораки, меѓутоа тие препораки некој треба да ги почитува“, вели Нурхан Изаири, министер за животна средина.  

Иако лекарите препорачуваат како превенција од штетните честички да се седи дома, во практика тоа им оди тешко.

„Мора да излегуваме, на работа мора да се оди... Мораше да излезам...“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

И денеска како и во изминатите денови мониторинг- системот регистрира конценцентрација на ПМ 10 честички во воздухот над дозволеното. Тетово 350 микрограми на кубен метар, Скопје 260 микрограми, Битола 150.

 

Наташа Јанчиќ