Студентите задоволни од новите мерки- ќе имаат добра заштеда
„Ќе има добра заштеда. За некому можеби е мала сума, но, за нас е многу значајна“ - ова се изјавите на редовни студенти од државни универзитети кои од први јануари нема да плаќаат за јавен превоз. Велат дека електронската картичка од ЈСП ќе им го олесни планирањето на парите во сопствениот буџет...

Овие двајца студенти ќе плаќаат за јавен превоз уште 20 дена. Од 1-ви јануари идната година, тие и нивните колеги, редовни на државните универзитети, ќе бидат ослободени од оваа обврска. Велат – ќе има добра заштеда. За некому можеби мала сума, но, за нас многу значајна. Ќе добијат електронски картички од ЈСП.
„Значајно е бидејќи ние се возиме два до три пати дневно минимум во автобус, а тие пари може да ги искористиме за друга намена, за книги, да се видиме со другари на кафе...“, вели еден студент.
„Мал дел од нашите потреби ќе покриеме со тие средства што нема да плаќаме јавен превоз“, додава друг.
Студентите просечно даваат по околу 1.000 денари месечно за јавен превоз, а 200 евра годишно трошат за да дојдат на факултет и да ги завршат секојдневните обврски. Покрај овој бенефит, студентите се задоволни и од другите поволности. Велат дека во изминатите години е подобрен нивниот животен стандард. Реновирани се студентските домови во кои живеат и тоа за нив е мотив за да постигнат успеси во образованието.
„Ние како суденти до пред неколку години ги немавме сите овие можности“, велат студентите.
Новите проекти за студентите и средношколците се дел од пошироката палета од 100 мерки кои се наменети за младите и за образованието. Во новата година, нови поволности и за средношколците. Преку проектот средношколска среда, бесплатно ќе одат во театрите, кината, музеите..Нула денари ќе ги чини и железничкиот сообраќај и жичницата на Водно.
Викторија Милевска
