Можностите за инвестирање во Македонија претставени пред израелските бизнисмени

10.12.2015 10:16

Македонија е втора земја во светот според брзината на отворање бизнис, изјави пред потенцијалните инвеститори, премиерот Никола Груевски, кој што ја предводи македонската делегација, во која се и шефот на дипломатијата Попоски и министерот за странски инвестиции Џери Наумоф...

Во Израел претставени бизнис можностите за инвестирање во Македонија. Македонија е втора земја во светот според брзината на отворање бизнис, изјави пред потенцијалните инвеститори, премиерот Никола Груевски, кој што ја предводи македонската делегација, во која се и шефот на дипломатијата Попоски и министерот за странски инвестиции Џери Наумоф. Најавени се чартер летови за Македонија, а има интерес и за инвестирање во компании за човечки ресурси.

„Ние сме и втори во светот во однос на леснотијата за отпочнување на бизнис и регистрирање на фирма кое се врши за само четири часа и може да се направи од било кое место во светот. Исто така имаме напредок и во други полиња како што е заштитата на инвестициите“, нагласи премиерот Груевски.

Тој посочи дека ова е резултат на системска работа во повеќе сектори и оти се поедноставени многу процедури и постапки кои се значајни за бизнисот.

Шломо Гразиани, сопственик на повеќе израелски компании од прехранбената индустрија и член на Израелската комора на индустријалци, смета дека условите за водење бизнис во Македонија се позитивни.

Промоцијата на инвестирањето во Македонија креира ентузијазам и многу израелски инвеститори со нетрпение очекуваат да соработуваат во повеќе области, почнувајќи во земјоделието, а сега и туризмот, при што од следната година ќе оперираме со чартер летови за Македонија. Постојат и компании кои се интересираат за инвестирање во технологија и човечки ресурси токму во вашата држава, изјави Шломо Гразиани по бизнис форумот во Ерусалим.