Македонија претставена на годишната изложба на амбасади во Вашингтон
Прв настап на Република Македонија на годишната изложба на амбасади во Вашингтон. За време на черитичасовното претставување на македонскиот штанд во најголемиот центар „Роналд Реган“ во главниот американски град, голем број Американци се запознаа каде се наоѓа и каква современа држава е Македонија. Многумина од нив, знаеја за македонската историја...

Македонија како земја на традиција, култура и едно од најповолните места за бизнис во светот, е мотото под кое Република Македонија за првпат беше претставена на четвртата зимска изложба на амбасади во центарот „Роналд Реган„ во Вашингтон. Претставници на македонската амбасада и Агенцијата за странски инвестиции одговараа на прашања од посетителите коишто сакаа да научат нешто повеќе за Македонија.
„Нели Александар Велики беше од Македонија? Знам дека сега таму нешто се случува поврзано со бегалците. Тоа е она што прво ми паѓа на памет во моментов.“
„Не знам многу. Знам дека Македонија е во јужна Европа близу до Грција.“
„Македонија е на исток, на другата страна од светот.“
„Да, Македонија е на југозапад од Европа. Александар Велики, очигледно е од таму и тој е дефинитивно најпознатиот Македонец. Многу автомобилски компании градат фабрики таму, и тоа е воглавно што знам за Македонија“, велат посетителите кои ги анкетиравме.
Американците се заинтересирани да ја посетат Македонија.
„Земав книги за Македонија за да ги читаат моите деца, за да научат за многу други држави. Овде имам повеќе такви книги.“
„Апсолутно, сакам да ја посетам Македонија, со многу стара култура. Целиот регион е привлечен.“
„Навистина не знам многу. Единственото нешто што го знам е дека Македонците се борци, како што гледав во филмот, мислам беше „Троја“, каде што зборуваа за тоа. Затоа знам дека е многу стара држава. Но не знам каде се наоѓа. Ако патувам во Европа би сакал да ја посетам Македонија, како и други многу места што сакам да ги видам“, велат анкетираните.
Изложбата на амбасади во Вашингтон има за цел да ги претстави странските држави на американската јавност.
На четвртата годишна изложба на странски држави во Вашингтон, учествуваат 34 земји од светот, најмногу од Африка и од Азија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
