Инвестициските можности претставени во Ерусалим
На бизнис – форум во Ерусалим претставени инвестициските можности во Македонија. Пред компании од повеќе сектори беа претставени можностите за водење бизнис, условите за работа, извозните потенцијали. Израелски компании се заинтересирани да инвестираат во неколку области...

Македонија за израелските компании претставува одлична влезна точка за освојување на европскиот пазар. Земјава направи значителен напредок во создавањето поволна бизнис – клима, рече пред инвеститорите од Ерусалим, премиерот Груевски. Според него, рангирањето на Македонија во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светската банка на 12-то место во светот и на 6-то во Европа е показател за спроведените реформи.
„Македонија е втора во светот во однос на леснотијаа за отпочнуивање бизнис, регистрацијата на фирма се врши за само четири часа, и тоа преку интернет може да се направи од кое било место во светот. Имаме напредок и во други полиња како што е заштитата на инвестициите“, истакна премиерот Никола Груевски.
Груевски ги советуваше израелските бизнисмени за Македонија како дестинација за нивните инвестиции, бидејќи нуди ниски трошоци за правење бизнис, не се одданочува реинвестираната добивка, бирократските постапки се сведени на минимум.
„Ние прифативме повеќе од 90 проценти од предлозите на компаниите и коморите, но проектот „Регулаторна гилотина“ е се уште жив. Ние сме во комуникација со бизнисмените, сакаме да ги слушнеме нивните идеи и оваа соработка резултираше со создавање успешна бизнис – клима“, рече премиерот Груевски.
На бизнис – форумот беа присутни менаџери и сопственици на компании од земјоделскиот сектор, енергетиката, туризмот, од областа на медицината. Дел од нив се подготвени да инвестираат во земјава.
„Промоцијата на инвестициските потенцијали во Македонија креираше голем ентузијазам. Многу израелски компании се подготвени да соработуваат, почнувајќи од земјоделството, туризмот... Веќе од идната година ќе имаме чартер летови за Македонија. Има и компании кои се подготвени да инвестираат во информатичката технологија и човековите ресурси“, изјави Шломо Гразиани, бизнисмен и член на Комората на индустријалци.
Израелските бизнисмени се запознаа со потпишаните договори за слободна трговија и со профилот на компаниите кои оперираат во Македонија, а кои имаат пристап до пазар од 650 милиони потрошувачи.
„Од бизнис и од економска гледана точка ова навистина претставува голема предност, бидејќи компаниите ја гледаат Македонија како порта за влез на европскиот пазар“, изјави Џери Наумов, министер за привлекување за странски инвестиции.
Декларацијата за пријателство меѓу Македонија и Израел е од стратегиско значење и е основа за развивање на билатералните економски врски– посочи министерот за надворешни, Никола Попоски.
Мартин Пушевски
