Повисока капитација за матичните стоматолози
Од идната година наместо 35 денари по пациент Фондот за здравство ќе им исплаќа 40 денари. Корист од мерката ќе почувствуваат близу до 1.150 стоматолози...

За 14 проценти ќе се зголеми капитациониот бод за матичните стоматолози. Од идната година наместо 35 денари по пациент Фондот за здравство ќе им исплаќа 40 денари. Корист од мерката ќе почувствуваат близу до 1.150 стоматолози. На овој начин лекарите ќе бидат помотивирани да се грижат за здравјето на пациентите - велат во Фондот.
„Средствата се обезбедени од буџетот на Фондот, а фискалната импликација во делот на зголемување на капитацијата за стоматолози ќе биде 75,3 милиони денари годишно. Досега 1.312.300 осигуреници имаат избрано матичен стоматолог. Бројката на осигурениците кои имаат избрано матичен стоматолог бележи континуиран раст“, вели директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски.
Еве и пример- ако еден стоматолог има 2.000 пациенти, сега Фондот му исплаќа 70 илјади денари месечно, со новата капитација 80 илјади. Зголемувањето е дополнителен мотив за младите лекари кои ја почнуваат професионална кариера.
„Откако е воведена мрежата на јавни здравствени установи доделени се 223 лиценци за матични стоматолози, а дополнителни 644 места во рамките на мрежата се предвидени за матични стоматолози и истите остануваат уште непополнети. Очекувам дека ова ќе биде значајна придобивка и значајно олеснување за матичните лекари од стоматолошката дејност“, вели министерот за здравство, Никола Тодоров.
Од почетокот на идната година за 20 насто ќе се зголемат платите на специјалистите стоматолози кои работат во Стоматолошкиот клинички центар. Со што ќе се изедначат со нивните колеги од другите клиники.
Андријана Атанасовска
