Регионална соработка за справување со предизвиците на бегалската криза

10.12.2015 16:11

Според спикерот Вељаноски трагичните настани во Париз ја потврдуваат реалната опасност од тероризмот кој доаѓа од таканаречената Исламска држава. Вели, должност на секоја држава и влада е да ги заштити своите граѓани, но истовремено преку соработка да придонесе кон глобалната борба против тероризмот...

Само преку регионална соработка на повисоко институционално ниво можат да се решат проблемите со бегалската криза и заканите од глобалниот тероризам. Ваква порака испрати претседателот на македонскиот Парламент, на сесијата на Парламентарната димензија на Централно европската иницијатива. 

Според спикерот Вељаноски трагичните настани во Париз ја потврдуваат реалната опасност од тероризмот кој доаѓа од таканаречената Исламска држава. Вели, должност на секоја држава и влада е да ги заштити своите граѓани, но истовремено преку соработка да придонесе кон глобалната борба против тероризмот.

„Таа соработка со нашиот јужен сосед е далеку од тоа каква треба да биде иако станува збор за заеднички проблем и предизвици за двете држави. Понатаму, морам отворено да истакнам дека од страна на ЕУ имаме добиено многу мала помош и средства за справување со бегалската криза“, рече спикерот Трајко Вељаноски.

Од Секретаријатот на ЦЕИ велат  дека справувањето со мигрантската криза е глобален проблем, кој без помош на ЕУ и НАТО, земјите од Западниот Балкан самостојно нема да бидат во можност да го решат. 

„За време на оваа година, прашањата во однос на процесот со миграцијата, не натераа да сфатиме дека потрагата по решение за овие предизвици, не може да се одложува повеќе“, нагласи Ерик Церновиц, заменик генерален секретар на ЦЕИ.

ЦЕИ е една од најстарите европски регионални организации. Формирана  во ’89-та година, денес обединува 18 држави од кои десет се членки на ЕУ. Македонија годинава претседава со ЦЕИ, а следната претседателската палка ја презема Босна и Херцеговина.    

 

Игор Панов