Ќе се гради далновод што ќе ги поврзува Македонија и Албанија
МЕПСО потпиша договор со Европската банка за обнова и развој вреден 37 милиони евра за финансирање на изградбата на 400 киловолтен далновод што ќе ги поврзе македонскиот и албанскиот електропреносен систем. Освен 95 километри далновод ќе биде изградена и трафостаница во Охрид. Во рамките на прокетот ќе биде искористен и грант од 12 милиони евра на ЕУ...

За три години ќе биде завршен енергетскиот коридор 8, со што регионот на Балканот преку Македонија, Албанија и Црна Гора, подморски ќе се поврзе со Италија. Проектот ќе овозможи сигурен пренос на електрична енергија меѓу земјите производители и потрошувачите во Југоисточна Европа. Финансиер на проектот вреден 37 милиони евра е Европската банка за обнова и развој, додека Европската унија ќе го поддржи со грант од 12 милиони евра. Со тоа, ќе се овозможи реализација на низа дополнителни инвестиции во домашната елкетропреносна мрежа со која управува МЕПСО.
„Овој проект ќе помогне во интегрирање на македонскиот енергетски сектор кон регионалниот енергетски сектор. Ќе го направи целиот сектор да биде поинтегриран, поефикасен и побезбеден“, изајви Холгер Муент, директор за Западен Балкан во ЕБОР.
Изградбата на 95 километри 400 киловолтен далновод ќе овозможи поврзување на македонскиот и на албанскиот електропреносен систем, а ќе биде изградена и трансформаторска станица во Охрид со што ќе се зголеми доверливоста на мрежата и сигурноста во снабдувањето со електрична енергија.
„Ќе се подобрат интерконекциите меѓу двете држави и полека почнува да се реализира коридорот 8 во делот на енергетиката“, вели министерот за економија, Беким Незири.
Ова е трет проект што МЕПСО го реализира со поддршка на ЕБОР. Меѓудругото ќе се овозможи и побрз развој на регионалниот енергетски пазар.
„Најважни бенефити од овој проект се зголемување на преносниот капацитет на мрежата, подобрување на сигурноста во снабдување со електрична енергија и доверливост на мрежата. Воедно ќе биде дадена силна поддршка на развојот на регионалниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа“, нагласува Синиша Спасов, генерален директор на МЕПСО.
Во текот на 2016-та ќе биде комплетиранатехничката документација за проектот, а далноводот се очекува да биде ставен во функција во втората половина на 2019-та.
Свето Николовски
