Македонија- Израел: Продолжува соработката во одбраната и безбедноста

10.12.2015 16:38

Македонија и Израел остануваат фокусирани на соработка проширена на сите полиња. Груевски и Нетнјаху најавија дека добрата политичка соработка сакаат да ја пресликаат и на економски план. Двете земји ги врзува силно партнерство, заемна почит, одлична билатерална и мултилатерална соработка...

Соработката во областа на одбраната и безбедноста ќе продолжи како досега –  Израел ги потврди цврстите односи со Македонија, и на овие и на другите полиња. Официјален Тел Авив високо ги цени владините активности кои покажуваат почит кон еврејската држава, како што е Споменикот на холокаустот во Скопје кој се смета за еден од четирите најголеми во светот и Фондот и реституцијата на имотите на евреите кои немаат правни наследници.

„Задоволство ми е што Ве гледам повторно, Вашата посета означува 20 години од воспоставувањето дипломатски односи. Таа е знак на нашето растечко пријателство и денеска ќе потпишеме Декларација за пријателство меѓу нашите земји. Соработуваме во повеќе области – енергијата, водата, земјоделството, науката, образованието, технологијата. Исто така и во областа на одбраната и заедничката борба против тероризмот, која е многу важна. Го цениме ова пријателство, ова партнерство. Ви посакувам добре дојде на Вас и на Вашата делегација“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Двајцата премиери потпишаа Декларација за пријателство и договори од стратешко значење, за кои, како што рекоа, претставуваат чекор во унапредување на односите за инвестициите, економската и соработката од здравствениот сектор.

„Двете земји ги врзува силно партнерство, заемна почит, одлична билатерална и мултилатерална соработка. Меѓу нас нема отворени или спорни прашања. Ние сме долгогодишни пријатели и партнери. Добрата политичка соработка сакаме да се преслика и на економски план, преку интензивирање на заедничките економски релации, и искористување на соодветните потенцијали кои ни стојат на располагање. Во таа насока денеска ги потпишавме и договорот за одбегнување на двојно оданочување и договорот за промоција и заштита на инвестициите, што верувам е одлична вест за бизнисмените од двете земји“, нагласи премиерот Груевски.

Два месеца пред посетата на премиерот Греувски на Израел, во Тел Авив беше лидерот на СДСМ, Заев. По неговата изјава дадена по средбите со домаќините, следуваа деманти од официјалните институции за темите на разговор што ги наведе Заев.

 

Наташа Гркова- Петрушевска