Државата да создаде услови за непречена работа на медиумите, но и да ја гарантира безбедноста
Државата мора да создаде услови за непречена работа на медиумите, но и да ја гарантира безбедноста на новинарите во вршењето на нивната професија беше истакнато на Форумот за безбедноста и слободата на новинарите во Македонија, кој се организира по повод Светскиот ден на човекови права.

„Насилството врз новинарите е еден од основните индикатори кога се оценува степенот на слободата на медиумите во една земја“, велат од Здружението на новинари на Македонија. Според нив состојбата е уште посериозна ако ваквото насилство поминува неказнето од институциите.
„Во 4 години ЗНМ има регистрирано 25 напади врз новинари од кои пола од нив се случиле во првите 6 месеци од 2015 година. Овие бројки не се конечни затоа што доста новинари не ги пријавуваат нападите“, вели Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.
Министерката за информатичко општество рече дека развојот на новите технологии и нивната примена во масовната комуникација довеле до значајни промени во медиумскиот еко-систем. Според неа ефикасна саморегулација е вистинскиот механизам за високо, квалитетно и професионално новинарство. Вели дека безбедноста за новинарите е круцијална за обезбедување слободни и плурални медиуми.
„Секој новинар мора да биде заштитен од физички закани или напади. Кога постојат сериозни индиции дека на новинар може да му биде загрозена неговата безбедност треба да му биде обезбедена полициска заштита“, вели министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска- Томовска.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека побарал од СВР Скопје целосна информација за сите напади врз новинарите со што ќе види дали и како се водела истрага за случаите.
„За мене како граѓанин, бидејќи сите ние првенствено сме граѓани рамноправни пред Уставот и пред законите, но и како министер за внатрешни работи, ни порано ни сега не биле спорени приоритетот и значењето што новинарството како професија треба и мора да ги има во едно модерно и демократско општество чија што стратешка цел е сопственото етаблирање во евроатлантските цивилизациски текови“, рече Спасовски.
Заклучокот од форумот е дека за професионално вршење на новинарската работа потребен е сериозен ангажман на институциите, јавноста и на новинарите. Според учесниците, државата мора да создаде услови за непречна работа на медиумите, но и да ја гарантира безбедноста на новинарите.
Ана Јосифоска- Тодоровска
