Седумнаесет проекти избрани на вториот повик на Фондот за иновации
Со околу 300 илјади евра ќе се поддржат 10 старт- ап и спин- оф компании. За преостанатите 7 предлог проекти се обезбедени 600 илјади евра за комерцијализација на иновациите...

Со вториот повик на Фондот за иновации избрани 17 проекти за финансирање. Со околу 300 илјади евра ќе се поддржат 10 старт- ап и спин- оф компании. За преостанатите 7 предлог проекти се обезбедени 600 илјади евра за комерцијализација на иновациите.
Преку инструментите за поддршка на кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ поддршка ќе добијат 10 проекти, од кои најголемиот дел, седум, се од ИТ-секторот, два се за дизајн и уметност, а еден проект за технологии применети за спорт. За финансирање на тие проекти се обезбедени 277.000 евра, а треба да се реализираат во рок од една година, велат од Фондот за иновации и технолошки развој.
Преку инструментот кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, што Фондот го објави првпат, се избрани седум проекти. Финансиската поддршка е до 100.000 евра, а вкупно за сите се распределуваат 600.000 евра. Два од проектите се од ИТ-секторот и по еден од производство на неметални минерални производи, производство на мебел, инженерство, градежништво и земјоделство. Рокот за реализација изнесува 24 месеци.
