Избрани 17 проекти на вториот повик на Фондот за иновации
Со вториот повик на Фондот за иновации, избрани 17 проекти за финансирање. Со околу 300 илјади евра ќе се поддржат 10 старт- ап и спин- оф компании. За преостанатите 7 предлог проекти, се обезбедени 600 илјади евра за комерцијализација на иновациите...

Седумнаесет проекти се избрани за финансирање со вториот повик на Фондот за иновации. Со 277 илјади евра ќе се поддржат 10 старт- ап и спин- оф претпријатија. За преостанатите 7 предлог проекти се обезбедени 600 илјади евра за комерцијализација на иновациите.
„Тука грантовите се малку поголеми, се движат до 100 илјади евра по предлог проект и истите треба да ги реализират во рок од 24 месеци. Се работи за различна структура на бизниси кои аплицираа, како од градежништво, земјоделие, инженерство, производство на неметални минерални производи и секако информатичките технологии“, рече Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Од 1,3 милиони евра кои беа на располагање, 400 илјади евра останаа во касата на Фондот. Нема да бидат распределени грантовите за трансфер на технологии. Од Фондот иновации велат дека проектите не го исполнувале условот за секторски пристап.
„Во наредниот период ќе обрнеме посебно внимание со цел подигање на свеста за значењето на соработката меѓу претпријатијата, и зошто сметаме дека таа е значајна и обезбедува поголем успех доколку компаниите ја воспостават“, вели Поповска.
За вториот повик аплицирале 95 предлог проекти, 39 ја поминаа во фазата на претселекција, а 17 се избрани. Во првиот повик беа финасирани 16 старт- ап и спин-оф претпријатија, најмногу од ИТ индустријата. Дел од нив веќе имаат готов производ. Следниот повик на Фондот ќе биде отворен на почетокот на идната година.
Сунчица Николоска
