Повисока капитација и за матичните лекари
Од Фондот велат дека зголемувањето од 10 насто ќе значи поквалитетна здравствена грижа за пациентите. Парите се обезбедени од буџетот на Фондот...

Повеќе пари од Фондот за здравство ќе има и за матичните лекари. Наместо досегашните 50 денари по пациент, од јули следната година фондот ќе им исплаќа 55. Од Фондот велат дека зголемувањето од 10 насто ќе значи поквалитетна здравствена грижа за пациентите. Парите се обезбедени од буџетот на Фондот.
„Фондот за здравствено осигурување издвојува значителни средства за дејноста општа медицина и за тоа во буџетот за 2015 беа предвидени и ќе бидат исплатени 1 милијарда и 870 милиони денари. Зголемувањето од 5 денари по капитационен поен за Фондот има дополнителна фискална импликација која изнесува 188 милиони денари годишно“, изајви директорот на ФЗОМ Сашо Стефановски.
Од зголемувањето на капитацијата за 5 денари ќе имаат корист повеќе од 1.520 матични лекари.
„Бенефитот од мерката ќе го почувствуваат 1.527 тима на матични лекари кои работат во 1.085 ординации со кои фондот има склучено договор во 2015 година. Односно, заедно со стоматолозите бенефит ќе имаат околу 2.800 лекари“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Последен пат капитацијата на матичните лекари беше зголемена пред четири години од 45 на 50 денари.
Андријана Атанасовска
