Француска инвестиција: Ќе се гради Културен дом во Гази Баба
Француската компанија „Фамес“ влегува во Македонија. Со инвестиција од милион ипол евра, во Автокоманда ќе гради нов културен дом, во чии рамки ќе има и студио за снимање филмска музика...

Французи вложуваат во Македонија. Ќе градат нов Културен дом, на местото на стариот, во скопската населба Автокоманда. Во неговиот состав ќе влезе и најмодерно студио за снимање на филмска музика. Инвеститор е француската компанија „Фамес“ која преку својата фирма регистрирана во земјава инвестира милион и пол евра.
„Нашиот оркестар, Фамес, низ светот е познат како и Синфониски оркестар од Макеоднија, а тоа уште повеќе не прави горди“, вели инвеститорот, Ауде Насиеу Маупас.
Ова е прва грин филд инвестиција на компанијата Фамес. Штом почне со работа, студиото ќе соработува со стотина уметници од земјава.
„Во оркестарот Фамес членуваат истакнати уметници од наши оркестри, од Македонската филхармонија и Македонската опера и балет кои досега снимија над 800 интернационални проекти и филмови во кои главните улоги ги толкуваат големите холивудски ѕвезди, македонски филмови, музика за телевизиски серии и документарни филмови“, рече минисатерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.
Културниот центар ќе биде со површина од 543 квадратни метри, а музичкото студио 1.194 квадратни метри.
„Во изминатиот период евидентно е зголемен обемот на филмска продукција во Македонија, како од домашни, така и од странски филмски компании. Во тој дух верувам дека новото музичко студио ќе биде само чекор напред во развојот на имиџот на Македонија како земја во која можат да се најдат партнери и соработка на многу полиња во филмската индустрија“, рече премиерот Никола Груевски.
Во новиот културен дом ќе може да се изведуваат филмски проекции, театарски претстави и поетски читања, а дел од просторот ќе биде организиран како библиотека.
Анита Димитријевска
